Поранешниот марокански фудбалер Абдеразак Хајри изјави дека верува во нов подвиг на Светското првенство во Катар. Хајри, со два гола на Светското првенство во Мексико во 1986 година го испрати Мароко во втората фаза од натпреварувањето, а Португалија дома.
„Мароко е способен да направи изненадување“, прогнозира поранешниот марокански репрезентативец, главниот „архитект“ во историската победа од 3:1 против Португалија пред 36 години.
„Мисијата нема да биде лесна, но јас верувам во неа“, вели 60-годишниот Хајри во телефонско интервју за Франс прес.
На 11. јуни 1986 година, тој стана херој откако постигна два гола против Португалија во последниот натпревар од групната фаза.
Тоа беше историски триумф што му овозможи на Мароко да стане првата африканска и првата арапска селекција што стигнала до осминафиналето на Светското првенство.
Доколку избраниците на Валидо Реграџо утре ја победат Португалија, ќе станат првата африканска селекција што играла во полуфинале на Светското првенство.
Потсетувајќи се на натпреварот од Мексико, Хајри изјави дека по двете ремија против Полска и Англија притисокот бил жесток.
„Португалија беше „страшна“, но ние ги носевме надежите на една нација, еден континент и на целиот арапски свет. Не беше лесно психички, но сакавме да дадеме се од себе“, рече тој.
Хајри го постигна првиот гол во 19. минута, потоа го зголеми водството на Мароко само осум минути подоцна, пред Абделкрим Мери во 62. минута да ги зголеми на 3:0. Честа на Португалецот во 80. минута ја спаси Дијамантино Миранда.
„Кога постигнав два гола, мојата радост беше неопислива. Успеавме да ги победиме играчите што ги гледавме на телевизија. Кога зборувам за тоа, ме преплавуваат емоции. Спомените се недопрени, како да беше вчера”, изјави Хајри.
„Никој не веруваше во нас, но ние го направивме тоа“, гордо истакнува Хајри и толку години подоцна.
Мароко, тогаш предводен од Бразилецот Хозе Фариа, потоа загуби од Германија со слободен удар на Лотар Матеус во 88. минута.
И покрај поразот, „лавовите“ со високо кренати глави си заминаа од Мексико.
„Ја освоивме љубовта на јавноста и пред се го отворивме патот за поголема застапеност на африканските нации на Светското првенство“, рече Хајри.
На следното Светско првенство во Италија, Камерун испиша историја како прва африканска репрезентација што стигнала до четвртфиналето, пред Сенегал да го направи тоа повторно во 2002 година.
На Светското првенство во 2010 година, Гана не успеа да стигне до полуфиналето во епски и контроверзен натпревар против Уругвај.
„Ништо не е невозможно во фудбалот, тоа е магијата на овој спорт. Денеска тоа го докажува селекцијата на Мароко“, изјави Хајри.
„Се разбира, овој марокански тим е различен од нашиот, бидејќи фудбалот многу напредуваше во овие 36 години, но неговата константа е одлучноста и желбата да се претставува својата земја што е можно подобро. А играчите тоа го прават брилијантно“, додаде тој.
Четвртфиналниот натпревар на Светското првенство меѓу Мароко и Португалија се игра утре од 16 часот.