И покрај конфликтот со Жозе Мурињо и шпекулациите дека едвај чека да замине од „Олд Трафорд“, Антони Марсијал доби понуда за нов петгодишен договор со Манчестер јунајтед јавува „Дејли мирор“, и ова го толкува како „шамар“ за Мурињо и јасно покажување кој има подолга иднина со славниот клуб.
Шефовите на Јунајтед сакаат да го обврзат Марсијал на долгогодишен договор иако неговиот агент Филип Ламболе во јуни изјави дека тој мора да замине откако не беше дел од шампионската репрезентација на Франција на СП во Русија.
Јунајтед сакаат договор до 2023 година за да ја заштитат неговата вредност на пазарот на фудбалери, бидејќи Марсијал има само 22 години. Французинот влегува во последната сезона од неговиот првичен четиригодишен договор откако дојде од Монако во 2015 за 36 милиони фунти.
Според „Дејли мирор“, Марсијал е пресреќен од понудата и сигурно ќе ја потпише бидејќи очекува да остане подолго од Мурињо на „Олд Трафорд“, иако шефовите му дадоа целосна поддршка на Португалецот по најлошиот старт на една сезона во Премиер лигата од 1992 година.