Top Sport

Мартин Палермо знае како му е на Меси: Сите страдаме како Аргентинци (видео)

Мартин Палермо, човекот кој е во Гинисовата книга на рекорди како единствен кој промашил три пенали на еден натпревар, вели дека добро знае под каков притисок е Лионел Меси во аргентинската репрезентација, откако фудбалерот на Барса неодамна во интервју се пожали на третманот кој го има во татковината.

Палермо и Меси играа заедно за аргентинската репрезентација и поранешниот фудбалер на Бока јуниорс вели дека е крајно време Аргентина да застане зад Меси.

„Очигледно е дека Меси е нервозен и налутен од коментарите кои ги прават и затоа сите мораме да му покажеме поголема почит“, вели Палермо.

Палермо во меч против Колумбија на Копа Америка во 1999 година утна неверојатни три пенали во еден меч – првиот се одби од гредата, вториот го упати над голот, а третиот беше одбранет од колумбискиот голман Мигуел Калеро. Аргентина го загуби тој меч со 3:0, но Палермо остана цврст и во следниот меч, три дена подоцна постигна гол во 2:0 победата над Уругвај.

Палермо, слично како неговиот сонародник Диего Армандо Марадона, сега работи во Мексико, како тренер на тимот на Пачука.

Scroll to Top