Роберто Мартинез открива дека им соопштил на белгиските фудбалери дека си заминува од позицијата пред клучниот меч на СП во Катар пртив Хрватска, велејќи дека не можел веќе да ги контролира емоциите по шпекулациите за конфликт во репрезентацијата.
Белгија, како еден од фаворитите на Мундијалот, испадна во групната фаза во Катар, откако по 1:0 поразот од Мароко им беше потребна победа над Хрватска, против која на крајот одиграа само 0:0. Шпанскиот тренер во интервју за весникот „Хет латсте ниуевс“ вели дека емоциите по поразот од Мароко биле „зовриени“.
„Беше навистина тешко да ја пренесам пораката дека си заминувам. За вас новинарите сигурно, но повеќе на фудбалерите. Никогаш не сум го направил тоа претходно и се надевам дека нема да морам во иднина. Не можев да ги контролирам сите емоции кои ги имаше. Тоа што се случи во соблекувалната, останува во соблекувалната, бидејќи тоа е свето место. Дали фудбалерите зборуваа? Да, сите имаат свои мислења и емоции. Тоа е човечка работа. Но, ситуацијата беше целосно различна од таа која ја објавија медиумите. Тоа ќе остане со мене“, вели 49-годишниот Мартинез.
Настапот на СП на Белгија беше во сенка на изјавата на Кевин де Брујне дека репрезентацијата е „престара“ за голем успех, по што тој беше јавно критикуван од Јан Фертонген.