Фудбалерот од средниот ред на Манчестер јунајтед, Хуан Мата вели дека е поважно фудбалерите да ја искористат шансата која ја добиваат да зборуваат за позитивни промени, отколку да сонуваат да постигнат гол во големо финале.
31-годишниот Шпанец е познат по својата иницијатива „Заедничка цел“, со која фудбалерите се обврзуваат да дадат 1 процент од својата плата за добротворни цели и досега има убедено повеќе фудбалери да го поддржат како Џорџо Кјелини, Матс Хумелс и Алекс Морган.
„Реално, во фудбалот има премногу пари. И за мене, тоа не е проблем, бидејќи фудбалот генерира многу интерес и страст низ целиот свет. Нормално е да има многу пари, но треба да ги користиме тие пари за инвестирање во поинаков фудбал“, вели Мата.
Покрај финансиската обврска, Мата вели дека фудбалерите мораат да зборуваат и за општествени проблеми.
„Знам дека има луѓе кои велат: ’Тој е фудбалер, зошто зборува за такви работи’. Зошто да не зборува. Кога си во ваква професија имаш одговорност кон другите. Да се помогне на другите е поважно од постигнувањето гол во финале. Ако можеш да направиш нешто, направи го тоа“, додава Мата.