Top Sport

Мата за конфликтот со Мурињо и желбата да го врати Јунајтед на врвот

Хуан Мата вели дека не е вистина дека пристигнал на „Олд Трафорд“ во погрешно време, бидејќи е сигурен дека Манчестер јунајтед ќе може да ја врати старата слава. Токму таа доверба го натерала да потпише нов двегодишен договор со клубот, открива тој во својата нова автобиографија.

„Можев да си ја олеснам ситуацијата и да одам на друго место за полесен предизвик, но ако го направев тоа, никогаш немаше да можам да си простам. Знам дека не сме во најдобра ситуација, но повеќе сакам да сум тука во овие тешки моменти, за да направиме нешто добро и да победиме. Некои ми велат дека дојдов во Јунајтед во погрешно време, но за мене престојот тука е многу посебен. Кога бев дете го гледав овој клуб како победува и кога добив шанса да дојдам не се двоумев. Нема шанси овој клуб да не се врати на местото каде што заслужува. Давид де Хеа ми кажуваше за времето кога ја славеа титулата во Динсгејт и сакам да го видам тоа. Пред било што друго. И да не успееме, барем ќе кажам дека сум се обидел“, вели Мата во својата книга.

Тој исто така се осврнува и на конфликтот кој го имаше со претходниот тренер Жозе Мурињо, со кого немаше најдобро искуство и во Челси.

„Немам никаква лична горчина кон него. Мојот фудбал не е совршен за неговата идеја за фудбал. Бев во Челси, две години бев играч на годината, и тогаш пристигна тој со неговиот пристап, кој го почитувам, но не е единствен. Потоа, тој дојде и во Јунајтед. Најлесно ќе беше да заминам, но играв. Морав да покажам дека можам да го надминам и имав добри сезони со него“, вели 31-годишниот Мата.

Scroll to Top