Top Sport

Матераци: Балотели го заслужи ќотекот кој го доби

Марко Матераци вели дека неговиот поранешен соиграч од Интер, Марио Балотели го заслужил ќотекот кој го добил во 2010 година од него, и повторно ги критикуваше Италијанците кои го нападнале по инцидентот со Зинедин Зидан во финалето на СП во 2006 година.

Во интернет-разговор со популарниот готвач и страствен навивач на „аѕурите“, Давиде Олдани, дефанзивецот на Интер немаше влакна на јазикот. Тој беше запрашан за инцидентот по полуфиналето на Лигата на шампионите во 2010 помеѓу Интер и Барселона, кога заменетиот Балотели го фрлил дресот на земја, по што бил бркан по ходниците од Матераци.

„Да, му дадов добар ќотек, тоа е вистина. Го сакам Марио, но тој ден го заслужи тоа. Сега сме повторно пријатели, тој ми е како брат, но тогаш направи нешто што не требаше. Да се фрли дресот по крајот не беше најлошото. Пред мечот, во автобусот, тој ни кажа: ’Денеска ќе играм лошо’, а јас му ветив дека ќе плати ако е така. Кога влезе во игра, проба да шутне од половина терен, наместо да направи контра. Диего Милито сакаше да го убие. Верувавме во него, но по таа недела побарав Мурињо да ме става на тренинзите само против него. По неколку секунди го праќав во соблекувална“, вели Матераци.

Тој зборуваше и за финалето на СП 2006 и (не)славниот удар со глава кој го доби од Зидан, но вели дека не заслужил такво нешто.

„Французите го бранеа Зидан, но јас бев распнат од моите сонародници, кои за мене не се вистински Италијанци. Јас сум патриот, секогаш ќе ги бранам боите на Италија. Тие критики најмногу болеа. Тие луѓе требаа да ме обожаваат бидејќи јас го постигнав израмнувачкиот гол во финалето“, вели Матераци.

Scroll to Top