Финалето на Светското првенство во 2006 година, кога Италија ја победи Франција на пенали за четврта светска титула, секогаш ќе остане запаметено по непромислениот удар со глава на Зинедин Зидан над Марко Матераци, за што доби црвен картон во последниот меч во неговата блескава кариера.
Матераци при едно интервју преку Инстаграм повторно беше запрашан што точно му кажал на Французинот што предизвикало таква реакција за која доби директен црвен картон од судијата Орасио Елизондо.
„Се влечевме за дресовите и тој ми кажа: ’Ќе ти го дадам дресот подоцна’. Јас му одговорив: ’Подобро дај ми ја сестра ти’“, одговори Матераци.
Тој исто така вели дека имал среќа што не добил картони во текот на мечот поради повеќе провокации.
„Имавме доста контакти. Тој беше блиску до постигнување гол во првото продолжение и Рино Гатусо ме побара да го чувам. Не очекував да ме удри,и имав среќа бидејќи да продолжевме двајцата ќе завршевме во соблекувалната“, додава Матераци.