Поранешната ѕвезда на Баерн Минхен и Интер, Лотар Матеус смета дека Марио Геце веќе не е доволно брз за да игра во Бундеслигата и затоа треба да размисли за трансфер во Серија А.
27-годишниот Геце оваа сезона не игра многу, со само 19 настапи за Борусија Дортмунд, од кои во само шест меча беше како стартер и херојот на германската репрезентација од СП 2014 година беше поврзуван со трансфери во Милан и Рома. Матеус вели дека ова би бил добар потег.
„Мислам дека неговото време во Дортмунд заврши. Би бил многу изненаден ако му дадат нов договор, бидејќи неговиот стил на игра веќе не е толку баран. Покрај тоа, му недостасува брзина за да го игра фудбалот кој Борусија и другите германски тимови го играат. Не успеа да се врати во најдобра форма по враќањето во Дортмунд. Тој мора да си најде клуб кој ќе ја гради играта околу него и ќе планира на него. Можно е Италија да биде добра лига за него, бидејќи таму не се игра толку бргу. Не му недостасува волја и амбиција тоа е сигурно, но тој не е фудбалер кој ќе истрча 30 метри назад за да ја освои топката. Не е фудбалски работник и кога му даваат такви обврски, дури ми е жал за него“, вели Матеус.