Легендата на германскиот фудбал, Лотар Матеус (60) е многу критичен на начинот на кој менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола ја водеше екипата во финалето во ЛШ против Челси.
„Сините“ славеа во Порто и „граѓаните“ не успеаја да стигнат до првиот трофеј во елитното натпреварување.
„Гвардиола со онаа постава која ја изведе им го зема трофејот на навивачите и ќе мора да ги послуша критиките од сите страни. Мислам дека ќе се разговара со него за останување во клубот. Можно е некои играчи да загубиле доверба во него и во неговите способности“ вели Матеус за „Скај спорт“.
Германецот е многу критичен кон Шпанецот.
„Пеп во најлош можен момент сакаше да се претстави како многу креативен тренер и потполно заслужи да загуби. Го играте најважниот меч во историјата на клубот, а во тимот немате дефанзивен играч од средниот ред. Пред тоа го имавте. Зошто ги изостави Родри и Фернандињо, и го започна мечот со шестмина офанзивци – не знам“ вели Матеус.
Гвардиола (50) како тренер на Барселона освои две титули во ЛШ, во 2009 и 2011 година, но со Баерн и со Сити не успеа да стигне до пехарот.