Поранешниот напаѓач на Јувентус, Милан и италијанската репрезентација, Алесандро Матри потврди дека се повлекува од професионалниот фудбал.
35-годишниот ветеран лани пристигна во Бреша како позајмен фудбалер од Сасуоло, но имаше само осум настапи како замена пред во јануари спогодбено да му биде прекинат договорот. Сасуоло го ослободи од договорот и без вистински опции за продолжување на кариерата тој реши дека е време за крај.
„Можам да кажам дека ги остварив моите соништа. Кога почнав со спортот, не верував дека ќе направам ваква кариера и ќе освојам три титули. Не можам да се жалам од тоа што се случи, но сега сум на крајот на патот. Загубив мотивација по шесте месеци во Бреша и веќе не ми се играше фудбал. Не добив многу понуди и не бев воодушевен од тие кои ги добив. Подобро вака, отколку да правам глупак од самиот себе“, вели Матри.
Тој дебитираше во Серија А како 18-годишник во Милан во мај 2003, по што помина неколку сезони како позајмен во третолигашите Прато и Лумецане, пред да игра за Римини во Серија Б. Тој си замина од „Сан Сиро“ во 2007 во Каљари, по што Јувентус му дадоа договор по импресивната сезона 2010/11. Тој помогна со 10 гола во 2011/12 за Јуве да го освои првото скудето по скандалот „Калчополи“. Ова беше една од трите титули кои тој ги освои со Јуве, а исто така го постигна победничкиот гол во продолженија во финалето на Копа Италија во 2015 против Лацио. Матри имаше седум настапи за Италија, сите на пријателски натпревари, и постигна еден гол.