Франција обезбеди пласман во втората рунда на Светското првенство во Русија, откако Килијан Мбапе стана најмладиот стрелец за „триколорите“ на големите натпреварувања за минимална 1:0 победа над Перу, на разочарување на илјадниците јужноамерикански фанови во Екатеринбург.
Со овој резултат, по две кола во групата Ц, Франција има 6 поени, Данска е втора со 4 поени, Австралијците се трети со 1, а Перуанците веќе се елиминирани без поени во својот прв Мундијал од 1982 година. Французите ги чека дуел со Данска во последното коло, а Австралија ќе се обиде да ги победи Перу со голема разлика и да чека пораз на Данска од Франција.
Французите и Перуанците се надигруваа во првото полувреме, иако европските фаворити имаа повеќе од играта. Гризман во 14. минута го наоѓа Варан, кој со глава упатува удар блиску до голот. Гризман се обидува со шут од далечина кој завршува во рацете на перуанскиот голман. Ова беше единствениот удар во рамките на голот во првите 30 минути.
Перуанскиот капитен Паоло Гереро ја имаше најдобрата шанса во 31. минута, со шут во шестнаесетникот, но Љорис, кој го прослави 100. настап за Франција одлично реагира.
Килијан Мбапе се обиде да постигне атрактивен гол со пета во 34. минута, но ја промашува топката, за да се оправда минута подоцна, кога Погба украде топка на средината на теренот, го најде Оливие Жиру, кој шутираше во голманот Педро Галесе, а Мбапе одбиената топка ја смести во голот. Мбапе со 19 години и 6 месеци е најмладиот француски фудбалер кој постигнал гол на големите натпреварувања.
Перуанците не се предадоа во второто полувреме, внесувајќи го ветеранот Џеферсон Фарфан. Во 50. минута, Акино Санчез упати одличен удар од 20-тина метри, но топката ја погоди пречката. Десетина минути подоцна, и Адвинкула се обиде од далечина, но за малку беше непрецизен. Фарфан упати одличен удар во 74. минута, но топката заврши во надворешниот дел од мрежата.
Во 87. минута, Гереро се обиде од слободен удар, но и тоа беше непрецизно. Французите како да се помирија со еден постигнат гол, и ја тестираа својата одбрана, чекајќи шанса од против-напад. Со втората победа во Русија, тимот на Дидие Дешам засега не воодушеви, но веќе е во нокаут фазата.
Фото: ЕПА