Top Sport

Мбапе: Останувам во Париз!

Една од најголемите ѕвезди на Светското првенство во Русија, 19-годишниот Килијан Мбапе вели дека нема намера да си замине од Пари Сен-Жермен, бидејќи е на „почетокот на кариерата“.

Мбапе ја освои наградата за најдобар млад фудбалер на Мундијалот откако помогна Франција да стигне до втората светска титула со 4:2 победата над Хрватска, станувајќи првиот тинејџер по Пеле кој постигнал гол во едно финале.

Мбапе, кој дојде во ПСЖ од Монако, беше споменуван како една опција на Реал Мадрид за носење на вистински „галактико“ на „Сантијаго Бернабеу“ по заминувањето на Кристијано Роналдо во Јувентус. Меѓутоа, по прославата на титулата, Мбапе изјави дека останува каде што е.

„Останувам со ПСЖ, продолжувам на мојот пат во кариерата со нив. Ја почнувам кариерата и мислам дека Париз е вистинско место за мене“, вели Мбапе, кој во 2017/18 постигна 21 голови во сите натпреварувања со тимот од „Паркот на принцовите“.

Фото: ЕПА

Scroll to Top