Пари Сен-Жермен со раширени раце го пречекаа враќањето на Килијан Мбапе во составот по суспензијата по црвениот картон и тинејџерската сензација одговори со четири гола за 13 минути за во „жестокото“ француско дерби Парижани да ги прегазат Лион со 5:0!
ПСЖ рано дојде во водство, откако Нејмар од белата точка стрелаше во 9. минута, меѓутоа ситуацијата се компликуваше кога шампионите останаа со 10 играчи по црвениот картон на Преснел Кимпембе. Работите се избалансираа кога и Лион остана со играч помалку по вториот жолт картон на Лукас Тусар.
Тогаш во второто полувреме на сцена стапи најдобриот тинејџер во светот на фудбалот – Килијан Мбапе. Од 61. до 74. минута од натпреварот на „Паркот на принцовите“, Мбапе царуваше во нападот на ПСЖ, постигнувајќи неверојатни четири гола!
Статистиката за Мбапе „вади очи“! Иако има 19 години, тој во кариерата има одиграно 135 меча и директно бил вклучен во 108 голови – 71 сам ги постигнал, а на 37 бил асистент. Ако требаше уште еден доказ дека имаме нова фудбалска мега-ѕвезда.
Фото: ЕПА