Фудбалерот на ПСЖ, Килијан Мбапе е еден од кандидатите за наградата „Златна топка“ на Франс Фудбал. Магазинот објави список од 30 фудбалери кои се во конкуренција за наградата, а првпат по 17 години Лионел Меси не е во конкуренција.
Мбапе, кој имаше добра сезона зад себе, вели дека му е драго што се вратил во приказната за оваа награда.
„Така е со години, да се биде на многу кратката листа на кандидати веќе е големо достигнување. Такво нешто ми се случи кога ја започнав кариерата“, вели Мбапе.
Сепак, тој смета дека постои круг од тројца играчи и тврди дека наградата ќе заврши во рацете на еден од нив.
„Кои се главните фаворити? Јас би рекол Бензема, Мане и јас“.
Сепак, тој е убеден дека најмногу шанси има напаѓачот на Реал, Карим Бензема.
„Има 34 години, ја одигра најдобрата сезона во кариерата, освои уште еден пехар во Лигата на шампионите, а тоа вообичаено е решавачко“, изјави голгетерот на „светците“.
Наградата ќе биде доделена на 17.октомври во Париз.
Од оваа година форматот е променет, повеќе не се доделува како награда за најдобри во календарската година, туку во спортската сезона, а приоритет им дава на поединечните настапи.
Мбапе за ПСЖ постигна 39 гола со 26 асистенции. Од друга страна, Карим Бензема ги освои Ла Лига и Лигата на шампионите, додека Садио Мане го освои Африканскиот куп со Сенегал, а ФА Купот и Лига купот со Ливерпул, а играше и во финалето на Лигата на шампионите.