Хери Мегвајр побара од навивачите на Манчестер јунајтед да го оценат неговиот учинок кај „ѓаволите“ за „пет-шест години“ бидејќи смета на долга иднина во клубот.
Јунајтед немаат победа во последните пет меча и нема победа на гости оваа сезона по шокантниот 1:0 пораз од Њукасл, но Мегвајр, кој дојдеа од Лестер во текот на летото како најскап дефанзивец на светот, верува дека тимот ќе стане многу подобар во иднина.
„Најважното е да размислуваме на долги патеки. За пет-шест години, тогаш оценувајте ме, судете дали сум бил успех во клубот. Верувам во тоа и имам доверба дека ќе бидеме успешни и ќе имаме многу среќни моменти на ’Олд Трафорд’. Мораме да стануваме подобри како тим и тогаш и јас ќе бидам успех“, вели 26-годишниот Мегвајр.
Англискиот репрезентативец целосно се вклопи во одбраната на тимот и досега ги има одиграно сите минути во мечевите од Премиер лигата. Тој не е исплашен од рекордните 80 милиони фунти кои Јунајтед ги платија за него.
„Тоа е нешто на што јас немам влијание, така што не ме загрижува. Лестер сакаа да ме заддржат, Манчестер јунајтед сакаа да ме добијат и тие направија договор. Сигурен сум дека договорот беше добар за двата клуба, но јас сакам да се концентрирам на фудбалот, не на бизнисот“, вели Мегвајр.