Наполи, за кои 90 минути одигра македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, се врати на победите во Серија А, откако на тешкото гостување на Сардинија триумфираше со 1:0 над Каљари.
По фрустрирачкото прво полувреме во кое Наполи имаше повеќе од играта, но не успеа да стигне до голот и покрај убавиот обид на Елмас во финишот на првите 45 минути, човек на одлука беше Дрис Мертенс, кој во 66. минута по асистенција на Хисај успеа да го совлада противничкиот голман.
Ова беше 120. гол во дресот на „партенопеи“ на белгискиот напаѓач, со што тој е на само еден гол од вечниот рекорд на клубот на неговиот поранешен соиграч, Марек Хамшик.
Наполи сега се на осмото место на табелата со 33 поени, додека Каљари е на 11. место со 32 поени во интересната средина на табелата во Италија.