Лионел Меси не го зеде медалот за третото освоено место на Копа Америка на Аргентина, откако доби црвен картон во мечот, по што ја обвини Јужноамериканската фудбалска конфедерација (ЦОНМЕБОЛ) за „корупција“ и за „местење“ на турнирот за домаќините Бразил да ја освојат титулата.
Меси го намести првиот гол на Серхио Агуеро за Аргентина, за Пауло Дибала да зголеми на 2:0 по само 22 минути. Но, моменти подоцна, Меси беше на патот кон соблекувалните по судирот со Гери Медел. Иако беше јасно дека Медел беше провокаторот и агресорот, судијата Марио Диаз де Вивар на двајцата им покажа црвен картон. Аргентина, сепак, стигна до победата со 2:1, по што капитенот не се појави на доделувањето на медалите.
LOOOOOL RED CARD FOR MESSI REF?????? pic.twitter.com/CpJOPex98N
— Sahil (@CriminalFIFA_) July 6, 2019
„Нема сомнеж, целата работа е наместена за Бразил. Се надевам дека во финалето судиите и ВАР нема да имаат голема улога и ќе им дадат шанса на Перу да се натпреваруваат за златото, иако е тешко да се очекува. Не сакам да бидам дел од оваа корупција и од ова непочитување кое беше покажано кон нас. Не ни дозволија да играме во финалето. Корупција, судии и други работи спречија да се ужива во фудбалот. Јас секогаш ја кажувам вистината и сум искрен, без разлика на последиците“, вели Меси.
Меси беше бесен по поразот од Бразил во полуфиналето, кога судијата Роди Замбрано не провери две сомнителни пенал-одлуки во 2:0 поразот.