Изненадувачкото пристигнување на Лео Меси во Париз ќе ги чини скапо Пари Сен-Жермен, тврди францускиот весник „Л’Екип“, кој објаснува дека Аргентинецот ќе добие фантастични 110 милиони евра „нето“ од богатиот клуб.
Меси пристигна на „Паркот на принцовите“ откако цела кариера беше фудбалер на Барселона, но каталонскиот гигант не успеа да му обезбеди нов договор во рамките на ограничувањата поставени од шпанската Ла лига.
По ова немаше многу простор за шпекулации каде ќе заврши, бидејќи тој веднаш ја прифати понудата од Париз, која според „Л’Екип“ изнесува вкупно 110 милиони евра – 30 милиони за првата сезона, и по 40 милиони за следните две сезони (со бонус од 10 милиони за лојалност).
Иако оваа сума изгледа фантастично, сепак, тоа е помала сума од таа која ја заработуваше во Каталонија – шпанските медиуми тврдеа дека последниот петгодишен договор му донел на Меси над 500 милиони евра.