Иако Пари Сен-Жермен го стартуваа мечот со најзастрашувачкото напаѓачко трио на денешницата, Нејмар, Килијан Мбапе и Лионел Меси, го доживеаја првиот пораз оваа сезона во француската Лига 1, „капитулирајќи“ на „Роажон парк“ за 2:0 пораз од Рен.
Во поголемиот дел од првото полувреме, гостите доминираа, со убави шанси на Мбапе и на Нејмар, додека Лео Меси ја погоди пречката од слободен удар, пред во 45. минута од мечот да следува шок, кога по еден убав контранапад, по нафрлањето на Камал Сулемана, Гаетан Лаборд да го совлада Џанлуиџи Донарума. Само што почна второто полувреме, Лаборд успеа да се одвои од одбраната на ПСЖ и да му асистира на Флавиен Тет за уште еден шок за Парижаните.
Килијан Мбапе сметаше дека ги вратил Париз во живот во 68. минута, но неговиот гол беше поништен поради офсајд, а на Маурисио Почетино не му помогна ниту влегувањето во игра на Икарди и Вајналдум во последните 15 минути од мечот. Зачудувачки, ПСЖ го заврши мечот без упатен удар во рамките на голот на противникот.
И покрај поразот, ПСЖ останува убедливо на првото место на табелата со 24 поени, шест повеќе од Ленс, додека Рен по две победи во последните три меча се искачија на 7. место со 12 поени.