Лионел Меси постигна два гола за две минути, а уште два гола постигна Лаутаро Мартинез, за Аргентина да стигне до 5:1 победа во пријателскиот меч со Никарагва, пред стартот на Копа Америка на 15 јуни.
Меси го постигна првиот гол на мечот во 37. минута, а веднаш потоа ја „поткачи“ одбиената топка по ударот на Серхио Агуеро за својот 67. гол во националниот дрес. Фудбалерот на Интер, Лаутаро Мартинез влезе од клупата и даде два гола, пред Роберто Переира да зголеми на 5:0. Никарагва со гол од пенал на Хуан Барера во 91. минута од мечот ги постави конечните 5:1.
Аргентина доминираше во мечот во Сан Хуан, додека Меси повторно беше клучниот фудбалер на „албиселесте“.
Во Монтевидео пак, Луис Суарез го потврди кам-бекот во уругвајската репрезентација со фантастичен гол од слободен удар, за Уругвај да стигне до 3:0 победа над Панама во пријателски меч пред Копа Америка.
Суарез беше на операција на коленото по елиминацијата на Барселона од ЛШ минатиот месец. Тој влезе во игра во последниот половина час и само шест минути откако влезе во игра зголеми на 2:0 откако прво Макси Гомез ги донесе Уругвајците во водство. Уште една замена, фудбалерот на Реал Мадрид, Федерико Валверде ги постави конечните 3:0.