Иако аргентинскиот ас од Барселона, Лео Меси во интервју пред неколку дена рече дека нема да одлучува за својата фудбалска иднина пред да заврши тековнава сезона, од Франција стигнуваат други бранувања. Во земјата на „галските петли“ се чини сакаат по секоја цена да го видат аргентинскиот фудбалски виртуоз во дресот на ПСЖ пред да му истече договорот со Каталонците.
Пред една недела спортскиот директор на „Светците“ наведе дека играч од типот на Меси секогаш бил на радарот на овој клуб, а соиграчот на Меси од репрезентацијата, Леандро Паредес посочи и дека постојано го следат аргентинскиот ас, но одлуката дали ќе дојде во Париз е исклучително само на играчот.
На сета оваа мешаница, еден од најдобро упатените француски спортски новинари, Жефри Герети (ТВ Канал плус) изјави дека цело семејство на Меси учи француски, одат на приватни часови.
„Зошто учи француски ако потпише за Манчестер Сити? Нема смисла. Оваа информација која можам да ја потврдам е од многу доверлив извор“ изјави Герети.
Додека траат турбуленциите во Франција, Меси ќе може да се врати на теренот веќе на дуелот против Рајо Ваљекано откако заработи суспензија од 2 меча поради црвениот картон против Атлетик Билбао.