Top Sport

Меси сигурно не се враќа во аргентинската „фудбалска кланица“

Иако и претседателот на Аргентина, Алберто Фернандез го повика Лионел Меси да се „врати дома“ во својот клуб од детството Њуелс олд бојс, луѓето блиски до легендата на Барселона веруваат дека таков трансфер е тешко остварлив.

Фернандез не беше првиот политичар со ваква порака. Во 2016 година, неговиот претходник Маурисио Макри побара од Меси да ја смени одлуката за повлекување од националниот тим по поразот во финалето на Копа Америка, а во исто време градоначалникот на Буенос Аирес, Хорасио Родригез Ларета откри статуа од Меси во градот.

Во петокот, родниот град на Меси, Росарио беше дом на конвој на навивачи на Њуелс олд бојс, кои му порачаа на легнедата да се врати дома.

Фернандо Сињорини, кој беше фитнес-тренер на Меси во Аргентина додека Диего Марадона беше слелектор, јасно објасни зошто ова не е возможно да се случи.

„Тоа што се случува во Аргентина го нема во остатокот од светот. Фудбалот тука е кланица поради криминалот на стадионите, организираните хулигански групи, стадиони на кои нема топла вода, или воопшто нема вода“, вели Сињорини.

Братучедот на Меси, Макси Бјанкучи исто така призна дека е тешко да се верува во враќање дома.

„Тоа е мојот сон, но изгледа е многу, многу тешко. Замислете Меси да игра во дербито против Росарио сентрал? Па тоа ќе биде лудница“, вели Бјанкучи.

Колку страста на навивачите е „брутална“ во Аргентина може да посведочи и поранешниот соиграч на Меси од репрезентацијата, Макси Родригез, кој игра во Њуелс олд бојс на 39 години. На 23 јули, на домот на бабата на Родригез во Росарио се појави порака: „Дерби на куршуми“. Два месеци подоцна, ветувањето беше остварено – на неговата куќа беше стрелано со три куршуми.

„Се надевам дека ништо нема да се случи, но работите мораат да имаат граници. Требаше да си одам одамна. Работите излегуваат од контрола. Ова не е само фудбалски проблем, туку и општествен“, изјави Родригез.

Росарио, еден од главните пристаништа на Аргентина, има прекар „Аргентински Чикаго“ поради мафијашките групи кои заработуваат со шверцување на роба и на дрога. До август оваа година имаше повеќе од 100 убиства на улицата на градот и покрај карантинот кој беше поставен во март.

Родното „маало“ на Меси, Ла Бахада изгледа како тврдина, откако граѓаните во немоќ ги барикадираат своите врати и прозорци.

„Страдам со Аргентина поради тоа што се случува, пред сè поради криминалот, бидејќи сакам во мојот живот да се вратам во Росарио. Ме загрижува тоа што можат да те убијат за мотоцикл, часовник или велосипед“, изјави во 2018 Меси.

Scroll to Top