Капитенот Лионел Меси сигурно не заминува од Барселона ова лето, откако Аргентинецот реши да не ја искористи клаузулата во неговиот договор која му дозволуваше да си замине пред крајот на неговиот договор следниот јуни.
Како дел од четиригодишното продолжување на договорот во 2017, Меси вметна опција да си замине од клубот бесплатно на крајот на секоја сезона, доколку го информира клубот за својата намера пред 1 јуни секоја година.
Шпекулациите за негово заминување од „Ноу Камп“ повторно се појавија пред неколку месеци, кога поранешниот претседател на Интер, Масимо Морати изјави дека е можно „нераѕурите“ да се обидат да го донесат. Преку социјалните мрежи, самиот Меси го демантираше ова и потврди дека планира да остане во Барселона барем до летото 2021 година.
За тоа дали ќе продолжи по крајот на овој договор, останува да се види, посебно по јавните критики кои ги упати кон водството на клубот и актуелниот тренер Кике Сетиен.