Top Sport

Меси со нов хет-трик – двојна круна за Барса, втора лига за Депортиво (видео)

Фановите на Депортиво Ла Коруња полека се соочуваат со реалноста на втората шпанска лига следната сезона, откако не успеаја да издржат за реми против Барселона, губејќи со 2:4 благодарение на „магичниот“ хет-трик на Лионел Меси вреден двојна круна.

Меси на најдобар начин ја запечати 25. титула на каталонскиот гигант во Шпанија, со што Барселона е втор најдобар тим во историјата, зад Реал Мадрид со 33 титули. Ова е прв шампионски трофеј на Блауграна од 2016 година и трет во последните четири години, откако само лани титулата отиде кај „Лос бланкос“.

Тимот на Кларенс Сидорф губеше со 0:2 по 38 минути игра, но имаше импресивен кам-бек за да докаже дека гостувањата на Барселона во Галиција никогаш не се лесни. Кутињо во седмата минута и Меси во 38. минута донесоа предност за Блауграна, но Депор врати на 1:2 пред крајот на полувремето преку Лукас Перез.

Емре Чолак во 64. минута израмни, пред, како и многупати оваа сезона, Лео Меси да го реши мечот со два гола во 82. и во 85. минута, комплетирајќи го хет-трикот за да стигне до 31 гол во Ла лига оваа сезона, со што се израмни со Мо Салах од Ливерпул во трката за „златната копачка“ за најдобар стрелец во европските лиги.

Со поразот, Депор останува на 18. место со 28 поени, дури 12 помалку од 17-пласираниот Леванте со само три кола до крајот на шампионатот, со што се загубени и теоретските шанси за опстанок. Покрај Депортиво, во Сегунда одат и Лас Палмас и Малага.

Фото: ЕПА

Scroll to Top