Top Sport

Меси, Тер Штеген и Де Јонг остануваат, другите може да си одат

По понижувачкиот пораз од Баерн Минхен, логично беше дека може да се очекуваат резови во екипата на Барселона.
Лисабонските 8-2 уште долго време ќе ги „печат“ сите што се на било кој начин поврзани со ФК Барселона.

По петочниот пораз во ЛШ, вчера се пренесе информацијата дека Кике Сетиен ќе добие отказ, но најверојатно на „Ноу Камп“ се подготвува комплетен ремонт.

Речиси сите играчи се на продажба, со исклучок на Лео Меси, Марк Андре Тер Штеген и Френки де Јонг, јавува „Мундо Депортиво“.

Ако се точни информациите на шпанскиот медиум, Барса размислува и за откази на играчи кои имаат уште година или две од нивните договори, под услов да добијат адекватна понуда.

Луис Суарез е првото од звучните имиња кое може „надвор“. Има договор уште една година, но е и „вредна карта“ за клуб кој планира да го доведе Лаутаро Мартинез во Каталонија. Уругваецот има опција да го продолжи договорот на уште една сезона, но останува да се види развојот на настаните.

Самуел Умтити е вториот скап играч на Каталонците кој е за продажба, иако има договор до 2023 година. Една од причините е лошата игра, втора се повредите, а трета е лошото однесување.

Слична е ситуацијата и со Усман Дембеле.

Иван Ракитиќ и пред дебаклот беше на листата за продажба.

Останува отворено прашањето за Жорди Алба. Има договор до 2024 година и откупна клаузула од 500 милиони евра.

„Мундо“ пишува и дека Гризман, Серхи Роберто, Нелсон Семедо, Артуро Видал лесно може да се случи да завршат со Барселона.

Scroll to Top