Надежите дека Милан ќе биде значително засилен пред стартот на новата сезона во Серија А се „паднати во вода“, откако италијанските медиуми тврдат дека на клубот ќе му бидат достапни само 30 милиони евра за трансфери поради економското влијание од кризата со корона вирусот.
Милан е еден од тимовите кои најмногу страдаа од одлуката фудбалот да се продолжи без гледачи, бидејќи имаа просек од над 40.000 гледачи на нивниот „Сан Сиро“ и според „Калчомеркато“ клубот работи на намалувањето на трошоците оставајќи им само 30 милиони евра на техничкиот директор Паоло Малдини и спортскиот директор Фредерик Масара за ова лето.
Покрај ова, двајцата ќе мораат да продадат дел од играчите доколку сакаат да потрошат нешто повеќе. Давиде Калабрија е поврзуван со заминување од Милан, со што би се добиле 12 милиони евра, додека обновувањето на договорот на Златан Ибрахимовиќ нема да влијае на овој буџет. Тиемуе Бакајоко е најверојатното прво засилување на Милан, откако ќе пристигне во Милано како позајмен фудбалер од Челси (повторно).