Top Sport

Милан три меча без победа, ги загуби и Донарума и Пакуета! (видео)

Шансите на Милан да обезбеди пласман во Лигата на шампиони следната сезона доживеаја уште еден удар, откако трет меч едноподруго четата на Џенаро Гатузо не успева да победи, одигрувајќи само 1:1 со Удинезе под водство на Игор Тудор.

Првото полувреме не започна најдобро за „росонерите“, откако прво голманот Џанлуиџи Донарума, а потоа и Бразилецот Лукас Пакуета се повредија и мораа да бидат заменети. Сепак, надежите за победа се зголемија откако полското гол-чудо, Кшиштоф Пјонтек постигна гол во финишот на полувремето. Удинезе, за кои секој поен ќе е важен во борбата за опстанокот, сепак, дојдоа до поен, откако Кевин Лазања во 65. минута постигна прекрасен гол по брз контра-напад на гостите.

По поразите од Сампдорија и Интер и ова реми, притисокот над Гатузо сигурно ќе се зголеми, бидејќи во Милано очекуваат тој барем да обезбеди место во ЛШ. Милан е на четвртото место на табелата со 52 поени, еден помалку од Интер (кои имаат и натпревар помалку) и четири пред Лацио и Аталанта (Лацио има два меча помалку, а Аталанта еден).

Фото: ЕПА

Scroll to Top