Доколку се случи најавеното преземање на Милан од бахреинската „Инвесткорп“ компанија, Ромелу Лукаку би можел да биде нивната прва цел во летниот преоден рок, тврди порталот „Гол“.
28-годишниот Лукаку се врати на „Стемфорд Бриџ“ минатото лето, но работите не одеа според посакуваното сценарио и Белгиецот нема постигнато гол во Премиерлигата и во Лигата на шампиони во 2022, станувајќи „товар“ во тимот на Томас Тухел.
За сегашните газди на Милан, „Елиот групацијата“, цената од над 80 милиони евра за едно засилување е незамислива, исто како и платата од 325.000 фунти која ја добива кај „сините“, но бидејќи двата клуба се во процес на добивање на нови газди, на крајот е можно да се дојде до договор.
Оваа сезона, Милан има доста проблеми во нападот – Златан Ибрахимовиќ поголемиот дел од сезоната е повреден и товарот паѓа на Оливие Жиру. За Лукаку, секогаш остануваа опцијата враќањето во Интер, меѓутоа се верува дека „нераѕурите“ се повеќе заинтересирани за младиот Џанлука Скамака од Сасуоло.