Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас во јануарскиот преоден рок ќе биде една од целите на Милан, тврдат италијанските медиуми.
Наполи синоќа не успеа да ја победи Џенова (0:0), а Елмас иако играше од 66 минута беше еден од најдобрите играчи на теренот. Скаути на Милан го следеле овој меч токму поради Елмас, тврдат Италијанците.
Елмас во летниот преоден рок од Фенербахче за сума од околу 16 милиони евра пристигна во Наполи. Медиумите на Апенините шпекулираат дека Милан биле подготвени да издвојат 30 милиони евра во јануари само за да го донесат македонскиот репрезентативец на „Сан Сиро“.
Елмас според стручњаците е еден од најперспективните млади играчи во Европа.