Top Sport

Милевски и Барди: На секој натпревар мораме да го дадеме нашиот максимум

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски и капитенот Енис Барди во пресрет на натпреварот со Гибралтар, во Лигата на нации, одржаа прес-конференција.

Во првите три кола, Македонија одигра нерешено со Бугарија (1:1), го победи Гибралтар (2:0) и доживеа непријатен пораз во Скопје од Грузија (0:3).

Селекторот Милевски откри со какви проблеми се соочува пред натпреварот со аутсајдерот.

„Александар Трајковски нема да биде во комбинација поради повреда, Елмас е под знак прашалник, имаме неколку играчи кои исто така се неизвесни за настап поради настинка. Голем број од играчите поради распоредот се исцрпени. Искрено, во кој состав ќе истрчаме на терен, ќе мора да почекаме сите заедно да видиме кој ќе биде подготвен. Сите фудбалери конкурираат за настап, што се однесува до Етеми, тој може да дебитира на овој дуел“, рече Милевски и дополни.

„Наша обврска е да бидеме на нивото и да го даваме максимумот. Мора да се стават сите во функција на тимот и да бидат на нивото кое се очекува код нас. Имаме почит кон секој противник, тоа се однесува и на утрешниот натпревар. Ние бевме доминантни на претходните натпревари, но мора да бидеме многу повеќе конкретни во завршната фаза“.

Поразот од Грузија во Скопје, значително ги намали шансите на македонската репрезентација да го освои првото место во групата. По три кола Грузија со максимален учинок и пет бода повеќе од Македонија.

„Не боли секој пораз. Но, мора да мислиме напред. Јас можам да гарантирам дека секој играч го дава максимумот, но фудбалот понекогаш е таков. Мора да се оди напред и да одиме кон нашата цел. Мора да продолжиме да играме добро, а атмосферата во тимот уште е истата и посакуваме подобри резултати“, рече капитенот Барди.

Утрешниот натпревар на Националната арена „Тодор Проески“ ќе започне во 18 часот.

Фото/ ffm.mk

Scroll to Top