Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница донесе одлука на позицијата селектор на Македонија до 21 година да го назначи Благоја Милевски. На седницата УО донесе одлука спогодбено да биде раскинат договорот со Добринко Илиевски на чие место доаѓа Милевски.
„Ми беше важно отворено да разговараме со в.д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини околу репрезентативните теми и му благодарам за разбирањето и довербата која заедно со Управниот одбор ми ја укажуваат. Се радувам на новите предизвици и можноста повторно да соработуваме, останува да се договорат одредени детали за официјализирање на соработката во однос на договорот. Свесен сум за ситуацијата која е пред нас, но не се плашиме, верувам во репрезентацијата, во момците и ќе бидеме подготвени за новите предизвици. Веројатно ова е една од најтешките задачи во мојата кариера, но тука сум, повик од националната репрезентација не се одбива. Квалитет постои, знам дека можеме да успееме и не би прифатил ангажман доколку не верувам во момците и во својата работа. Се надевам дека може да направиме резултат, изјавил Благоја Милевски.
Милевски веќе има одработено еден мандат како селектор на младата репрезентација. Тој о У-21 репрезентацијата во 2017 година учествуваше на Европското првенство во Полска, што засега е најголемиот успех во историјата на македонскиот фудбал.
Овој 47-годишен тренер во јуни 2018 година поднесе оставка на функцијата и се пресели екипата на Ашдод. Во Израел се задржа до ноември минатата година кога доби отказ.