За неколку дена се навршуваат 30 години од неславниот „натпревар“ на „Максимир“ помеѓу Динамо Загреб и Црвена звезда (13 мај 1990), фудбалски меч кој не се одигра и кој беше сигнал за зовриените националистички страсти во поранешна Југославија.
Масовната тепачка помеѓу „Бед блу бојс“, „Делии“ и полицијата, кулминираше со ударот на тогашниот фудбалер на Динамо, над еден милицаец кој го озбедуваше мечот. Сега, речиси 30 години подоцна, полицаецот Рефик Ахметовиќ, во интервју за хрватскиот весник „Јутарњи лист“ тврди дека навивачите на Динамо планирале да го убијат Драган Стојковиќ-Пикси.
„Кога малку ги ’стегнавме’ БББ кои од северот на трибината влегоа на терен и ги прашавме зошто дивеат, слушнавме следно: ’Имавме договор да го убиеме Пикси’. Сите го кажуваа тоа, дека добиле наредба да го убијат Драган Стојковиќ. Но, бргу дојде до промената на власта, и до промената на полициските управи, па никој не инсистираше да се открие кој ја дал таа наредба“, вели Ахметовиќ.
Тој исто додава дека направил сѐ да не дојде до поголеми инциденти и дека имал право да пука во Бобан, бидејќи тогашниот капитен на Динамо нападнал службено лице.
„Колегите ми викаа да пукам, но јас не сакав, бидејќи тоа беше режија. Сигурен сум дека ќе имаше мртви ако тој натпревар почнеше“, вели Ахметовиќ, кој денеска е пензионер и живее во Сараево.