Top Sport

„Милионерите“ го добија дербито на Борусиите за да избегаат на +9! (видео)

Лидерот на Бундеслигата, Борусија Дортмунд пред 81 илјади навивачи со 2:1 го совлада второпласираниот тим Борусија Менхенгладбах за да избега на девет поени разлика пред нив и Баерн Минхен по првиот меч од 17. коло.

Дортмунд дојде во водство во 42. минута по брзиот напад предводен од Марко Ројс, кој топката му ја даде на младиот Англичанец, Џејдон Санчо, кој постигна прекрасен гол за водство. Меѓутоа, гостите веднаш се вратија и во 46. минута израмнија преку Криштоф Крамер по една мешаница пред голот на Роман Бирки.

Човек на одлука повторно беше препородениот Марко Ројс, кој во 54. минута доби совршена топка во шестнаесетникот од Марио Геце за 13-та победа во 17 меча за „милионерите“.

Борусија има 42 поени на врвот, Менхенгладбах се втори со 33, колку што имаат и Баерн, кои утре гостуваат на Ајнтрахт Франкфурт, поранешниот клуб на нивниот сегашен тренер, Нико Ковач.

Фото: ЕПА

Scroll to Top