Тренерот на Партизан од Белград, Саво Милошевиќ вели дека сака неговиот поранешен клуб, Астон вила денеска да го совлада фаворизираниот Манчестер сити во финалето на Лига купот во чест на неговиот поранешен соиграч Уго Ехиогу.
Милошевиќ го постигна првиот гол во 3:0 победата на „Вембли“ над Лидс во финалето од Лига купот во 1996 година, кога Вила го освои последниот трофеј под водство на тренерот Брајан Литл. Ухиогу беше клучен дел од тој тим, а тој почина пред три години на само 44 години откако колабираше на тренинг со У-23 тимот на Тотенхем.
„Бевме клан во тој тим – Уго, Марк Боснич, Двајт Јорк, Јан Тејлор и јас. Поминувавме многу време заедно и бев близок до Уго, кој беше добар фудбалер, одличен пријател и голем човек. Џин од човек. Бев шокиран кога слушнав за неговата смрт, но ќе се сеќавам на него цел живот. Се надевам дека Вила ќе имаат сила да го изненадат Манчестер сити и ќе освојат трофеј кој би му го посветиле нему“, вели 46-годишниот Милошевиќ.
Србинот има добри сеќавања од тој тим.
„Класата на Герет Саутгејт беше очигледна веднаш. Јас бев млад тогаш не размислував за иднината, но знаев дека тој може да стане тренер. Презадоволен сум што му оди добро со Англија“, додава Милошевиќ.