Top Sport

Мисијата исполнета: Прекрасни голови и Македонија во Лига Ц и во плеј-офот! (галерија+видео)

Македонската фудбалска репрезентација го исполни ветеното и го освои првото место во групата 4 од Лигата Д во Лигата на нации на УЕФА, откако пред малубројната публика на „Филип Втори“ го совлада аутсајдерот Гибралтар со 4:0.

До петтата победа во шесте меча во Лигата на нации, Македонија дојде со смирена игра против неатрактивниот противник без капитенот Горан Пандев, кој паузираше поради жолти картони.

Енис Барди во 27. минута покажа каков фудбалски мајстор е постигнувајќи го вториот гол во два меча за Македонија со совршен удар од многу тешка ситуација, удар кој не би го одбраниле и голмански величини.

Победата ја обезбеди Илија Несторовски, откако голгетерот на Палермо создаде многу шанси од кои две ги искористи – во 67. минута, кога по нафрлање на Ристовски со глава го совлада голманот и во 80. минута, кога постигна уште еден фантастичен гол од работ на шестнаесетникот. За „крај“, неговиот соиграч Александар Трајковски во 94. минута со уште еден гол стави печат на триумфот.

За потврда на првото место беше доволен и поен, и сега е дефинитивно и конечно – Македонија следната сезона ќе настапува во Лига Ц со далеку посилни противници, а ќе има и многу поголеми шанси за пласман на Европското првенство во 2020 година.

Покрај  квалификациските натпревари по групи (кои ќе бидат одредени по крајот на Лигата на нации), момците ќе имаат шанса и преку плеј-офот со другите победници во Лига Д – засега се сигурни Грузија (група 1), Белорусија (група 2) и Косово или Азербејџан (група 3) да бараат „втор пат“ до Евро 2020. Една од овие четири репрезентации има сигурно место на ЕП.

ЛИГА НА НАЦИИ, ЛИГА Д, ГРУПА 4

Македонија – Гибралтар 4:0

Лихтенштајн – Ерменија 2:2

Конечна ТАБЕЛА: 1.Македонија 15, 2.Ерменија 10, 3.Гибралтар 6, 4.Лихтенштајн 4

Фото: ЕПА

Scroll to Top