Капитенот на Манчестер јунајтед, Хери Мегваер најверојатно ја заврши фудбалската сезона поради повреда на коленото, комплетирајќи ја катастрофалната сезона за англискиот дефанзивец.
Преодниот менаџер на „ѓаволите“, Ралф Рангник денеска изјави дека има само 14 достапни фудбалери (без голманите) за мечот во четврток против Челси и дека Мегваер не е еден од нив.
Според „Дејли мејл“, повредата ќе го отстрани Мегваер од терените неколку недели, односно најверојатно за сите четири преостанати мечеви на Јунајтед. Со ова се става крај на сезоната во која Мегваер беше постојана мета на критики од медиумите и навивачите, која кулминираше со закана за бомба во домот на 29-годишниот Англичанец. Мегваер исто така беше на клупата при поразот од Арсенал, кога Рангник ги избра Рафаел Варан и Виктор Линделоф во одбраната.