Top Sport

Момци за историја! Македонија ја „урна“ Германија сред Дуизбург!

Македонската фудбалска репрезентација ја забележа најголемата победа во својата историја, откако на гостувањето во Дуизбург успеа да слави со 2:1 над четирикратниот светски шампион Германија, покажувајќи дека „четата“ на Игор Ангеловски е подготвена за големи натпреварувања какво што ни следува ова лето на Европското првенство.

И покрај тоа што Германците добија пенал, а на нас не ни беше досуден пенал по очигледна игра на рака во шестнаесетникот, трпеливата игра на Македонија на крајот вроди со плод со „дијамантот“ на Наполи, Елиф Елмас за едно од најголемите изненадувања во историјата на квалификациите за Светско првенство

Иако „маншафт“ на домашен терен во првото полувреме имаше над 60 отсто од поседот на топката, Македонија играше цврсто во одбраната, а Германците не направија некое „чудо“ во првите 45 минути. Леон Горецка на почетокот на мечот доби одлична топка од Каи Хаверц за да ја стресе гредата, а Серж Гнабри двапати беше во изгледна ситуација, но беше непрецизен. Ние пак, имавме одлична шанса преку Аријан Адеми во 23. минута од мечот, но Александар Трајковски задоцни. Кога сите се подготвуваа за полувреме, на сцена стапи Горан Пандев, кој одлично беше пронајден од Енис Барди за да го матира Марк-Андре Тер Штеген за фантастично водство на Македонија.

Во второто полувреме, Јоаким Лев направи неколку замени, но клучниот момент се случи во 62. минута, кога Езѓан Алиоски го „закачи“ Лирој Сане, а рускиот судија досуди „мек“ пенал, кој капитенот Илкај Гундоган лесно го смести во мрежата.  Во 76. минута, судијата Карасев не досуди пенал по очигледното играње со рака на Емре Џан по нафрлањето на Алиоски и џабе беа протестите на македонските фудбалери.

На крајот, правдата стигна на виделина, откако Елиф Елмас во 85. минута успеа да го совлада Тер Штеген за уште една блескава страница во нашата фудбалска историја од тимот на Игор Ангеловски.

БРАВО!

СП 2022 КВАЛИФИКАЦИИ

ГРУПА Ј

Ерменија – Романија 3:2

Германија – Македонија 1:2

Лихтенштајн – Исланд 1:4

Табела: 1.Ерменија 9, 2.Македонија 6, 3.Германија 6, 4.Романија 3,  5.Исланд 3, 6.Лихтенштајн 0

Фото: ДФБ

Scroll to Top