Top Sport

Мота ќе „експериментира“ 2-7-2 со македонскиот капитен: Вредноста на Пандев е огромна

Тијаго Мота беше официјално претставен како нов тренер на Џенова, каде што го чекаа прашањата за неговата невообичаена 2-7-2 фудбалска формација и улогата која во неа ќе ја имаат фудбалери кои се негови поранешни соиграчи, како македонскиот капитен Горан Пандев и Доменико Кришито.

Мота се враќа во клубот во кој ја „обнови“ својата кариера во 2008 година, кој се наоѓа во тешка ситуација и во катастрофална форма со тешка битка за опстанок во Серија А. До лани, тој беше тренер на јуниорскиот тим на Пари Сен-Жермен, каде што стаса на насловните страници со неговите невообичаени фудбалски идеи, вклучувајќи ја и 2-7-2 формацијата со вклучен голман во неа.

„Чувството е одлично, се враќам на местото каде што во 2008 ја сменив кариерата и тоа ми претсавува огромна чест. Ситуацијата е тешка, но преку работа можеме да се извлечеме. Мораме да даваме сè за овој дрес. Имаме интересен тим, во квалитет и квалнтитет. 2-7-2 формација? Кој како сака нека ја чита, јас со тоа сакав да ја оттгрнам важноста на бројките. Сонувам за многу идеи, но сега не е време за сонување, туку за работа“, вели Мота.

37-годишниот Мота тогаш беше запрашан за улогата на неговите поранешни соиграчи, Кришито и Пандев.

„Кришито е важен фудбалер за нас, тој може да ни помогне како секој друг играч и бидејќи е капитен, очекувам многу од него. Пандев? Тој не е само голем фудбалер, туку и личност со огромна важност за нашиот тим“, вели Мота.

Scroll to Top