Тренерот на Џенова, Тијаго Мота инсистира дека „живее добро“ со притисокот пред „Дерби дела лантерна“ со градскиот ривал Сампдорија и вели дека сите во тимот ќе бидат мотивирани.
Мота успеа да ја смени играта на Џенова, заедно со својот поранешен соиграч, македонскиот капитен Горан Пандев (кој ќе отсуствува по црвениот картон против Лече), но Џенова нема победа во шест меча во Серија А по 3:1 триумфот над Бреша во дебито на Мота на клупата.
„Живеам доволно добро со притисокот. Искрено, така е секоја недела. Момците работат добро на тренинзите и навистина сум смирен“, вели Мота.
Џенова заостануваат само еден поен зад Самп на Клаудио Раниери, но покрај Пандев и Кевин Агудело ќе паузира поради црвениот картон.
„Се обидуваме да најдеме друго решени за напаѓачите, и сигурен сум дека кој и да стартува ќе го даде максимумот, бидејќи сите се мотивирани. Дербито сите не мотивира, а посебно фактот што одамна не се добиле едно дерби“, додава Мота.