Top Sport

Може ли Ајнтрахт во ЛШ да ја сопре победничката дружина на Елиф Елмас?

Ајнтрахт Франкфурт и Наполи вечерва ќе се соочат на „Комерцбанк арена“ во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите.

За домаќините од Германија ова е прв настап во нокаут-фазата во сегашниот формат на ЛШ, откако дебитираа во групната фаза оваа сезона.

Ајнтрахт Франкфурт стигна до осминафиналето, откако заврши на второто место во групата Д. Во Бундеслигата „орлите“ се наоѓаат на шестата позиција со 38 бода, односно само два помалку од четвртото место. Тие ги победија последните четири првенствени натпревари на домашен терен и се надеваат дека ќе ја пренесат таа форма и во Лигата на шампионите против тимот на Наполи, кој се смета и за фаворит од сенка за трофејот.

Фудбалерите на Наполи атакуваат на прв плсман во четврт-финалето на ЛШ, откако имаа три елиминации во осминафиналето, во 2012 година од Челси, во 2017 година од Реал Мадрид и во 2020 година од Барселона.

Наполи ја освои група А со пет победи од шест натпревари, пласирајќи се пред Ливерпул. „Партенопеите“ се претставија импресивно на гостувањата во Амстердам и во Глазгов, кои завршија со 6:1 односно 3:0 во нивна корист. На гостувањето на „Енфилд“ против Ливерпул загубија со 2:0, но претходно веќе се пласираа во нокаут фазата, а го задржаа и првото место со оглед дека како домаќини ги победија „црвените“ со 4:1.

Во италијанскиот шампионат Наполи има дури десет успеси на гостински терен во текот на сезоната. Предводени од напаѓачките ѕвезди Виктор Осимен и Квица Кварацкелија, „наполитанците“ се убедливи лидери во Серија А со 62 бода или дури 15 повеќе од второпласираниот Интер. Ова им дава одлична можност да се концентрираат на претстојните нaстапи во ЛШ.

Во Наполи настапува и единствениот Македонец кој сезонава е дел од Лигата на шампионите, репрезентативецот Елиф Елмас, кој досега постигна шест гола за составот на Лучијано Спалети.

Scroll to Top