Top Sport

Може ли САД да ја изненади Холандија во првиот осминафинален двобој на СП?

Холандија ќе се соочи со САД во првиот осминафинален натпревар на Светското првенство во Катар. Пресметката е закажана на стадионот „Калифа“ од 16 часот.

Селекцијата на Луј ван Гал се квалификуваше за нокаут фазата откако заврши на првото место во групата А. „Лалињата“ победија со по 2:0 против Сенегал и домаќинот Катар, а меѓу овие две средби ремизираа 1:1 против Еквадор.

На Холандија ѝ оди добро во одбраната, но тимот успеа да упати само осум шута кон противничкиот гол на трите натпревари на Светското првенство 2022 година. Формата на Коди Гакпо, сепак, ја засенува таа малку загрижувачка статистика. Напаѓачот на ПСВ стана само четвртиот играч во историјата на Холандија кој постигнал гол на три последовни натпревари на Светското првенство.

Тимот на Ван Гал е во серија од 18 последователни средби без пораз. Последниот пораз беше од Чешка во осминафиналето на ЕВРО 2020. Холанѓаните успеаја да се пласираат во осминафиналето на секое Светско првенство на кое играа од 1934 година. Во последните 32 години „лалињата“ во оваа фаза се елиминирани само двапати.

САД завршија на второто место во групата Б, во која беа вклучени и Англија, Иран и Велс. „Јенките“ забележаа нерешени резултати против двата британски ривали пред да обезбедат вредна победа од 1:0 над Иран за да се пласираат во осминафиналето.

Лошата вест од овој натпревар беше што се повреди најдобриот фудбалер Кристијан Пулишиќ кој одлично се претстави во Катар. Сепак, последните информации се дека тој ќе биде подготвен за денешната пресметката со Холандија.

Американците имаат лош ефект против европските селекции на светските првенства. Последната ваква победа им беше во 2002 година. После тоа, САД имаат шест нерешени и пет порази против европските репрезентации.

Scroll to Top