Ѕвездата на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман, најверојатно во летниот преоден рок ќе го напушти клубот, а наводно договорен е трансферот во Барселона.
Гризман минатото лето беше на чекор до трансфер во Манчестер јунајтед, но ја покажа големината и поради забраната за трансфери што Атлетико ја доби од ФИФА, реши уште една сезона да остане во таборот на „јорганџиите“.
Шпекулациите велат дека Атлетико му ветил на Гризман дека откупната клаузула, по завршувањето на оваа сезона, ќе му биде преполовена, односно дека за обесштетување од 100 милиони евра ќе може да замине од „Метрополитано“.
Цената за еден од најдобрите напаѓачи во светот е примамлива за многу врвни тимови, а наводно Барселона веќе го договорила трансферот.
Сепак шпанските медиуми пишуваат дека Лео Меси и Луис Суарез сметаат дека напаѓачот не е добредојден во тимот.
Меси и Суарез веруваат дека Осман Дембеле заслужува место во стартната постава, а покрај Фелипе Кутињо, јасно е дека за Гризман нема место во стартните 11.
Аргентинецот и Уругваецот сакаат тренерот Ернесто Валверде повеќе да му верува на Дембеле, односно дека овој напаѓач во иднина може да значи повеќе за играта на Барселона од Гризман.