Top Sport

Мурињо: Франција мора до титула – Дешам: И јас мислев исто за Тотенхем

Францускиот селектор Дидие Дешам му одговори на Жозе Мурињо за неговите коментари дека Франција е апсолутен фаворит на ЕУРО 2020 и дека сѐ освен титула би било неуспех, кратко одговарајќи: „И јас мислев исто за неговиот Тотенхем“.

Франција несомнено е меѓу главните фаворити на ЕП откако во 2016 година загубија во финалето, а две години подоцна станаа светски шампиони во Русија. Мурињо во својата анализа за британскиот таблоид „Сан“ минатата недела оцени дека Французите мораат до титулата.

„Не гледам слабост во нивниот тим. Ако морам да кажам дека еден тим ќе победи, тогаш тоа е Франција, бидејќи имаат фантастични фудбалери. Мора да победат. Ако не победат, тогаш тоа за нив е неуспешно ЕУРО“, напиша Мурињо.

Дешам му одговори на 58-годишниот Португалец со „боцка“ за неговите неуспешни 18 месеци на чело на Тотенхем, со кои не успеа да освои титула, ниту да ги однесе до Лигата на шампионите.

„Да, и јас го мислев истото за неговиот тим на Тотенхем, но не заврши така. Да, ние сме фаворити бидејќи сме светски шампиони. Тоа не е притисок, туку е реалност“, врати Дешам.

Scroll to Top