Тренерот на Рома, Жозе Мурињо успеал да го убеди англискиот дефанзивец Крис Смолинг да се вакцинира за КОВИД-19 за да може да продолжи да игра во Серија А.
Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед беше еден од 10-тината фудбалери во Серија А кои уште не се вакцинирани, но од оваа недела, според италијанскиот закон само тие со барем една вакцинација можат да влезат во соблекувална на фудбалски стадион, односно да играат во Серија А, Серија Б или Серија Ц.
Според „Скај спортс“, Смолинг се согласил да добие вакцина утре, за да може да игра против Милан во четврток. Мурињо претходно на прес-конференција изјави дека клубот очекува сите да бидат вакцинирани.
„Знам дека тоа се приватни работи и фудбалерите имаат право за заштита на својата приватност. Неколку фудбалери имаа КОВИД минатата недела и побараа приватност и го почитувавме тоа. Но, правилата се правила, а законите се закони, и во моментов италијанската влада направи таква одлука и таа мора да се почитува исто така“, изјави Мурињо.