Жозе Мурињо немаше убави зборови за неговите играчи откако Манчестер јунајтед прими гол во 94. минута за да одигра 2:2 на гостувањето кај Лестер сити.
Португалецот смета дека неговите играчи играле „детски“, откако тешко стигнаа до водството од 2:1 преку одличниот Хуан Мата.
„Ова беше лесен меч за да се победи. Направивме сè што е потребно за победа, но кога нема да ги искористиш големите шанси пред голот… Исто така, имавме и детско губење на топката. Премногу лесно и на крајот дојде казната“, вели Мурињо.
Тој најмногу е лут за однесувањето на играчите кога Крис Смолинг се мачеше со повреда.
„На крајот, не бевме зрели – Смолинг имаше проблеми, излезе од игра, а никој не успеа да ја анализира играта и да направи прилагодување. Детски во нивниот шестнаесетник и детски во нашиот. Бевме казнети со два поени во нешто што требаше да биде лесна победа“, додава Португалецот.