Жозе Мурињо се обиде да го зголеми притисокот на својот стар ривал од Премиер лигата, Антонио Конте, порачувајќи дека Интер оваа година „мора“ да го освои скудетото.
Мурињо беше тренерот кој последен пат ја донесе италијанската титула кај „нераѕурите“ во 2010 година, по што му стана ривал на Конте додека беше на чело на Манчестер јунајтед, а Конте беше тренер на Челси.
„’Нераѕурите’ мораат да ја освојат Серија А оваа сезона. Сигурен сум во тоа. Секогаш навивам за нив“, вели Мурињо за „Ла газета дело спорт“.
Мурињо беше запрашан за неговиот следен проект, откако минатата недела се шпекулираше дека одбил понуда да стане најплатениот тренер на светот со трансфер во Шангај Шенхуа.
„Во моментов учам германски, бидејќи тоа е единствениот главен јазик кој ми недостасува. Знам англиски, шпански, португалски, француски и италијански. Затоа, нема да отфрлам ништо, дури и Бундеслигата“, вели Португалецот.