Роџер Федерер неодамна повтори дека Рафаел Надал е неговиот најсериозен ривал, велејќи дека најмногу сака да игра со него, а и најмногу стравува од таквите дуели. Ако првата констатација сигурно е точна, многумина сепак би се обложиле дека најмногу стравува од Новак Ѓоковиќ, неговиот противник во денешното финале на Вимблдон.

37-годишниот Швајцарец имаше фантастична партија против Надал во полуфиналето, но да го победи 32-годишниот актуелен шампион Ѓоковиќ ќе треба да направи нешто посебно, бидејќи последен пат го направи тоа во далечната 2015 година. Ѓоковиќ има 25-22 скор против Швајцарецот, но Федерер има рекордни осум титули од Вимблдон и 20 гренд слем трофеи.

Фаворит за петта титула од Лондон, секако е Ѓоковиќ, посебно откако освои три од последните четири гренд слема, додека Федерер последен пат победи на Австралија опен во 2018 година.

Сепак, Ѓоковиќ знае дека нема да биде лесно.

„Знаеме колку е добар насекаде, но посебно тука. Оваа подлога ја подобрува неговата игра и тој обожава да игра многу бргу и да го одзема времето на противникот. Тенисерите како Надал или како мене сакаат повеќе време и тоа го зголемува притисокот. Имав епски финалиња со него, така што знам што може да се очекува“, вели Ѓоковиќ.

Федерер исто така го кажа своето.

„Кога ќе помислам на Новак, едно нешто излегува пред очи – неговиот скок на лево. Како е способен да брани од таа страна, мислам дека тоа е клучот за многу победи и трофеи. Никој не го прави тоа како него и никој ја нема таа постојаност“, изјави Федерер.

Фактор може да биде и поддршката на 15-те илјади фанови на трибините, кои секогаш се на страната на Швајцарецот. Но, како што се виде во полуфиналето против Роберто Баутиста Агут, непријателскиот однос на навивачите може само да му помогне на Србинот.

Финалето е закажано во 15 часот и штета е да го пропуштите.