Поранешниот менаџер на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо ја одбил понудата да се врати на работа со португалскиот гигант Бенфика, бидејќи чека понуда од поголем клуб.
Мурињо ја почна својата кариера со Бенфика, каде што беше девет меча на чело на клубот пред да си замине откако не му беше понудено продолжување на договорот, по што стана европска сензација со тимот на Порто. Тој засега, одбива можност да се врати во татковината, откако на 18 декември доби отказ од Манчестер јунајтед , и чека понуда од водечките клубови на континентот, тврди „Тајмс“.
Можна дестинација за Мурињо се неговите поранешни клубови – Интер или Реал Мадрид. Со Интер, Мурињо стигна до спектакуларната тројна титула во 2009/10 (како прв италијански тим во историјата), по што работеше во Реал Мадрид, каде што освои една титула од Ла лига.
Претседателот на Мадрид, Флорентино Перез е голем почитувач на Мурињо и според шпекулациите веќе се обидел да го донесе назад на „Бернабеу“ кога го отпуштија Хулен Лопетеги, но бидејќи беше под договор со Јунајтед, на клупата се најде Сантијаго Солари. Во Интер пак, тренерот Лучано Спалети е под притисок по низата слаби резултати пред крајот на 2018 година.
Фото: ЕПА