Жозе Мурињо уште во јануари сака да донесе двајца играчи од неговиот поранешен клуб, Манчестер јунајтед, тврдат италијанските и британските медиуми, кои велат дека Виктор Линделоф и Диого Далот, двајца играчи кој тој ги донесе на „Олд Трафорд“ би биле совршени за засилување на одбраната на „волчицата“.
Мурињо одлично го познава својот португалски сонародник Далот и го донесе од Порто (уште еден негов поранешен клуб) во 2018 година, а 22-годишниот Далот има и искуство во Серија А, откако минатата сезона ја помина на позајмица во Милан. Далот има два старта за Јунајтед оваа сезона и вкупно 316 минути игра.
Според „Сан“, Мурињо е заинтересиран и за Швеѓанецот Линделоф, кого го донесе во Јунајтед од Бенфика во 2017 за 31.5 милиони фунти. Се очекува Линделоф да нема многу минути оваа сезона по пристигнувањето на Рафаел Варан, но по повредата на Фрацузинот, тој беше во акција во последните неколку меча. Линделоф има договор со Јунајтед до 2024 година, откако го продолжи договорот во 2019 година.